Данската премиерка Мете Фредериксен денеска ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон среде на шпекулациите дека Белата куќа ќе ја искористи посетата за да ја ‘истестира’ за прва жена генерален секретар на НАТО, пренесува „Еурактив“.
Според дипломатски извори, Фредериксен е сериозен кандидат да го замени Јенс Столтенберг, кој треба да се повлече од функцијата во септември.
Таа се најде во центарот на вниманието на меѓународната сцена минатата година како цврст поддржувач на Украина во нејзината војна со Русија, стекнувајќи почит со своите напори да го зајакне западното единство.
„Таа е еден од највештите шефови на држави во Европа. Во Европа има голема почит кон работата што таа ја врши како премиер и кон неа како личност во меѓународната соработка “, истакна норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе минатата недела, коментирајќи ја Фредериксен како потенцијален кандидат за позицијата во НАТО.
Главната пречка за нејзината потенцијална кандидатура е тоа што Данска долго време заостанува во трошоците за одбрана и е под притисок да ги доведе воените трошоци до 2% од БДП, клучна цел за земјите-членки на НАТО. Но, во декември, Фредериксен и нејзината нова центристичка влада го поместија планот за исполнување на целта на НАТО за три години до 2030 година.
Минатата недела таа најави големи инвестиции во одбраната во следните 10 години и зголемена воена помош за Украина, кој ќе ѝ помогне привремено да ја постигне целта на НАТО оваа и следната година.
Данска даде значителна финансиска и воена помош на Украина и покрај големите недостатоци во сопствената одбрана. Земјата, исто така, ги обучува украинските пилоти и е отворена за испорака на борбени авиони Ф-16.
Кога гасоводот „Северен тек“ беше саботиран во данските води лани во септември, Фредериксен формирашење изннадувачка коалиција меѓу левиот и десниот политички ешалон, тврдејќи дека е потребно политичко единство во време на меѓународна несигурност.
Во февруари, таа донесе непопуларна одлука за укинување еден државен празник за да се финансираат зголемените трошоци за одбраната.
„Таа има силна позиција во Данска, но е и некој што го дели народот. Многумина ја гледаат како премногу доминантна и гладна за власт“, изјави поранешниот дански министер за одбрана и правда Ханс Енгел.
Кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2019 година предложи САД да го купат Гренланд – суверена територија на Кралството Данска- Фредериксен ја отфрли понудата како апсурдна.
На меѓународната сцена, таа успеа да се држи настрана од отворените судири со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и унгарскиот премиер Виктор Орбан, покажувајќи ја својата прагматичност и покрај конфликтните идеологии.
„Таа е цврста дама и многу е амбициозна. Мислам дека ќе се согласи ако почувствува дека земјите од НАТО можат да се соберат околу неа, се разбира особено ако Бајден ѝ ја понуди позицијата“, вели Енгел.
Иако Фредериксен вели дека не е кандидат, не рече дека позицијата не ја интересира: „Не се пријавувам за никакви огласи за работа. Поканета сум да го посетам претседателот Бајден, и се радувам на тоа“.