Оваа сезона Милан не успеа да ја одбрани титулата шампион на Италија, но успеа да се пласира во полуфиналето на Лигата на шампионите и уште еднаш избори учество во елитното европско натпреварување.
Сепак, ситуацијата во клубот не е толку добра.
Како што пренесува „Скај Спорт“, одржан е состанок меѓу спортскиот директор Паоло Малдини и претставник на раководството на клубо Гери Кардинале, кој не поминал најдобро.
Уште порано се знаеше дека сопствениците не се задоволни од Малдини, а сега на состанокот имале сосема различни ставови за насоката во која треба да се развива славниот италијански клуб.
Наводно, Малдини побарал поголема автономија и средства за зајакнување на тимот, но шефот на RedBird Group, Кардинале и извршниот директор Џорџо Фурлани инсистираат на дополнително намалување на трошоците и останување со сегашниот бизнис модел.
Минатото лето Милан немаше добар преоден рок. Пристигнаа Де Кателаре од Клуб Бриж и Ориги од Ливерпул, а и двајцата се покажаа како големи трансферни промашувања.
Фурлани му префрлил на Малдини дека најголемиот дел од буџетот го потрошил на Де Кетеларе, кој не успеал да се покаже достоен за инвестицијата од 35 милиони евра. Младиот Белгиец во 40 настапи забележа само една асистенција, а ниту еднаш не ја затресе мрежата на ривалските тимови.
Како што пишуваат италијанските медиуми, можно е да попуштат сопствениците, но и Малдини да го напушти клубот, иако договорот му е до летото 2024 година.
Сепак, претходните преодни рокови беа ремек-дела на Малдини, во кои пристигнаа Рафаел Леао, Мајк Мањан и Оливие Жиру, кои денес се основата на тимот.