Мухова и Сабаленка во полуфиналето на Ролан Гарос

Чешката тенисерка Каролина Мухова денеска се пласираше во полуфиналето на Ролан Гарос, откако во Париз ја совлада руската тенисерка Анастасија Пављученкова со 7:5, 6:2.

Мухова, 43. тенисерка во светот, за еден час и 38 минути ја победи 333-та на ВТА листата.

Чехинката на стартот од мечот направи брејк, кој Пављученкова го врати во шестиот гем. Од деветтиот до 11. гем следеше серија од три последователни брејка, од кои два направи 26-годишната чешка тенисерка.

Во вториот дел од играта Мухова двапати ѝ го одзеде сервисот на противничката, која пред две години играше во финалето на Ролан Гарос.

Со пласманот меѓу четирите најдобри, Мухова го израмни својот најдобар грен слем резултат, откако играше во полуфиналето на Австралија опен во 2021 година. Во досегашниот дел од Ролан Гарос загуби само еден сет, а во првото коло ја елиминираше осмата тенисерка во светот Гркинката Марија Сакари.

Мухова во полуфиналето ќе игра против Арина Сабаленка, која ја елиминира Елина Свитолина – 6:4, 6:4. Сабаленка во деветтиот гем аправи брејк, поведе со 5:4, а потоа сервираше за освојување на сетот.

Во вториот сет Свитолина поведе со 2:0, Сабаленка потоа врза четири гема, направи пресврт и ја задржа предноста до крајот на мечот.

На крајот од мечот Сабаленка по традиција чекаше Свитолина да се ракува покрај мрежата, но Украинката не сакаше да го направи тоа, па доби свирежи од трибините.

„Не сакам мојата земја да учествува во конфликтот. Толку пати реков и ја знаете мојата позиција. Го знаете мојот одговор. Многупати одговорив. Не поддржувам војна. Не сакам да бидам вклучена во политика. Јас само сакам да бидам тенисерка“, рече Сабаленка.

Запрашана за ракувањето, Сабаленка рече дека инстинктивно се приближила до мрежата и ја чекала противничката.

Таа претходно пропушти две последователни прес-конференции бидејќи рече дека сите прашања за војната ја натерале да се чувствува небезбедно, но и поради нејзината благосостојба и ментално здравје.

Свитољина на новинарите им изјави дека не очекувала ваква реакција од Сабаленка на мрежата.

„Мојата прва реакција беше – што правиш“, рече таа.

На прашањето дали Сабаленка можеби ја разгорела ситуацијата чекајќи на мрежата, Свитолина одговори: „Мислам дека е така, за жал“.

Треба да знаете
Последни објави