Пејачот на „Рамштајн“ бирал девојки од концертите, а потоа ги дрогирал и силувал: Владата бара итни мерки

Германската влада побара мерки за заштита на женската публика на домашниот култен метал бенд „Рамштајн“, по обвинувањата против пејачот на групата за сексуална злоупотреба.

„Особено младите мора да бидат подобро заштитени од агресија“, изјави германската министерка за семејство Лиза Паус од Зелената партија, додека „Рамштајн“, еден од најпознатите европски метал бендови е на турнеја низ целиот континент.

Посебно, министерката предложи на концертите да се воведат заштитни зони за жени и тимови кои би можеле да интервенираат во случај на сексуална злоупотреба.

Треба брзо и конкретно да разговараме за заштитните мерки, побара министерката, истакнувајќи дека би било „корисно да се води сериозна дискусија за одговорноста на уметниците и организаторите кон посетителите на концертот“.

Пејачот Тил Линдеман е обвинет за сексуална злоупотреба од неколку жени, објавија деновиве државната телевизија NDR и весникот Suddeutsche Zeitung.

Пејачот е осомничен дека избрал група девојки од првите редови на концертите кои ги поканил на забавата по концертот. Две девојки тврдат дека на тие забави биле дрогирани и принудувани на секс, што бендот го демантираше.

Според истрагата на неделникот „Велт“, опишан е целиот систем во службата на пејачот, во кој девојките од првиот ред биле снимани и фотографирани за Линдеман (60) да може да ги избере оние што му се допаѓаат.

Оваа недела на Олимпискиот стадион во Минхен треба да се одржат четири концерти, каде што нема да има први редови пред бината од која пејачот избирал девојки.

„Организаторот не информираше вчера дека нема да има простор за Row Zero или забава по концертот овде“, изјави за AФП, Тобијас Колер, портпарол на стадионот на кој ќе настапи бендот.

„Рамштајн“, кој е основан во 1994 година и се откажа од провокациите во своите музички спотови, во наредните недели треба да одржи концерти во Франција, Италија, Швајцарија, Шведска, Белгија, Холандија, Полска и Австрија.

Треба да знаете
Последни објави