Стотици шумски пожари и денеска продолжуваат да беснеат низ Канада, заканувајќи се да ја уништат критичната инфраструктура и да го принудат на евакуација загрозеното население додека облак од отровен воздух се шири над американските градови.
Шумските пожари се вообичаени во западните провинции на Канада, но оваа година огнената стихија се појавила и на истокот на земјата.
Веќе изгореа околу 3,8 милиони хектари шумско земјиште, што е околу 15 пати повеќе од просекот во 10 години, изјави федералниот министер за вонредни состојби Бил Блер.
Загадувањето од шумските пожари кои беснеат низ Канада со недели зафатија големи делови од Северна Америка, каде што се издадени предупредувања за високоризичен квалитет на воздухот за повеќе од 55 милиони луѓе.
Чадот од пожарите ги прекри големите градови во Онтарио и Квебек, вклучително и Торонто и околните области. Чадот стигна до Њујорк и Конектикат, каде што квалитетот на воздухот е класифициран како „нездрав“. Не е јасно колку долго ќе трае црвеното предупредување или дали ќе се намали. Издадени се предупредувања за квалитетот на воздухот и за делови од Масачусетс, Њу Хемпшир, Пенсилванија, Мериленд, Вирџинија …
Американската агенција за заштита на животната средина (ЕПА) го класифицира квалитетот на воздухот во поголемиот дел од североисточниот дел на САД како „нездрав“, особено за луѓето со веќе постоечки респираторни проблеми. Предупредувања за квалитетот на воздухот вклучуваат голем дел од Њујорк и Конектикат. Тие исто така се протегаат на север до Бостон и на југ до Питсбург и Вашингтон.
Делови од источна Пенсилванија, Њујорк и Нова Англија беа класифицирани во индекс на квалитет на воздухот над 200, што значи услови кои се „многу нездрави за секого“. Најновите сателитски снимки од американската Национална агенција за океани и атмосфера (NOAA) покажуваат уште еден густ облак од чад од ниво 6, односно оној што носи „опасен квалитет на воздухот“.