Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице, бугарски државјанин. За лицето постои основано сомнение дека сторило кривично дело Криумчарење на мигранти предвидено и казниво по член 418-б, став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот во текот на вчерашниот ден од користољубие, илегално пренесувал осум лица – мигранти со потекло од Ирак. Тој, со ТМВ Комбе марка „Форд транзит” со бугарски регистарски таблички, со цел илегално да ги превезе до западно европските земји ги прифатил мигрантите во Солун. Во импровизиран бункер во кровниот дел на возилото ги сместил во легната положба и поминувајќи го граничниот премин Богородица, преку автопатот Е 75 пристигнал на граничниот премин „Табановце”. При контрола на возилото од страна на македонските царински службеници осумтемина мигранти биле откриени, а возачот е лишен од слобода.
Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување на мерка притвор за осомничениот. Судијата го прифати предлогот и со Решение определи мерка – Притвор во траење од 30 дена за осомниченото лице.