Централниот и Извршниот одбор на СДСМ денеска ќе одржат седници на кои тема ќе бидат начинот и формата со кои понатаму ќе продолжат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, по новите околности на политичката сцена по вчерашната средба на лидерите на двете партии Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски.
Премиерот Димитар Ковачевски по средбата со вршителот на работите во Амбасадата на САД во земјата, Ерик Мајер на Фејсбук објави дека ова е период кога треба да ги донесеме клучните одлуки за забрзување на евроинтеграцискиот процес, бидејќи ЕУ е нашиот единствен пат.
– Се согласивме дека храбрите одлуки носат успех, Северна Македонија, по членството во НАТО, треба да стане членка и на ЕУ, за што нашата држава има силна и конкретна поддршка од САД. Тоа ќе го правиме рамо до рамо со нашите стратешки партнери САД, додаде Ковачевски во објавата.
Вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓународна соработка Бојан Маричиќ вчера изјави дека премиерот Ковачевски на вчерашната лидерска имал јасна позиција и понуда до опозицијата – веднаш да се гласа за потребата за отворање на Уставот, потоа да се формира и Влада во која ќе учествува и ВМРО-ДПМНЕ, а потоа да се доврши процесот на уставните измени и да се заврши скрининг фазата.
– Денеска опозицијата некако ретерира од ставот дека е за уставните измени за разлика од вчера. Ние сме подготвени уште веднаш да се формираат работни групи и тимови како да се имплементира оваа идеја, изјави вчера Маричиќ на настанот „Аудиториум“ во организација на Институтот Бирц на УЈИЕ во Тетово.
Тој додаде дека власта е подготвена да иницира и закон за преговорите со ЕУ за сите да имаат сигурност дека нема да се задира во идентитетот.
– ВМРО-ДПМНЕ не треба да ја одбие понудената рака за соработка, ние уште денес би стапиле во комуникација дали може да се продолжат средбите, не мора да се на највисоко ниво, туку средби на какво било ниво. Понудената рака е великодушна од сите партии, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема причина да не гласа за уставните измени кои ни се толку многу потребни, истакна Маричиќ.
Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски вчера од Богданци порача дека е добро што ВМРО-ДПМНЕ ја прифатила подадената рака и дека промената на ставот на ВМРО-ДПМНЕ со прифаќање на уставните измени и учество во широка Влада за европски интеграции е добра основа за продолжување на дијалогот.
– Понудивме рака за обединување околу европската иднината на земјата и остварување на уште една стратешка цел, членство во ЕУ. СДСМ како одговорна, државотворна партија повторно покажа државнички капацитет и уште еднаш потврди дека иднината на граѓаните и интересот на државата се на прво место. Добро е што ВМРО-ДПМНЕ ја прифати оваа наша подадена рака. Промената на ставот на ВМРО-ДПМНЕ со прифаќање на уставните измени и учество во широка Влада за европски интеграции е добра основа за продолжување на дијалогот. Во овие историски и важни моменти за државата од исклучителна важност е да продолжиме заедно да работите во интерес на граѓаните и европската иднина на земјата., рече Зечевиќ.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска изјави дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ де факто го промениле ставот и прифатиле „уставни измени и учество во Влада за европска иднина на паритетна основа, со ист број на министри“.
– Дури и условот ДУИ да не биде дел експресно беше прифатен од страна на ДУИ, само да не се измислуваат нови и нови услови. Од друга страна прифатено е барањето измените на Уставот да важат одложено, односно од денот на одржувањето на втората меѓувладина конференција. Барањето за избори што понатаму ќе ги спроведе заедничката влада исто така е прифатено. СДСМ како одговорна, државотворна партија повторно покажа државнички капацитет и уште еднаш потврди дека иднината на граѓаните и интересот на државата се на прво место, изјави Кузеска, додавајќи дека врз основа на новите околности на политичката сцена потребно е дијалогот да продолжи.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вчера во Кочани повтори дека нивниот услов за евентуално да гласаат за промена на Уставот би бил формирање влада без ДУИ до изборите и уставните амандмани да станат ефективни тогаш кога земјава ќе стане членка на ЕУ.
– Како одговорна политичка партија и како одговорни политичари секогаш сме подготвени да разговараме кога станува збор за иднината на нашата татковина, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ја прифаќа понудата да учествува во идната влада до избори, но под одредени услови.
– Прв услов е конечно Македонија да ја ослободиме од ДУИ. Таа нема потреба да биде во таа условно кажано преодна влада. Го поздравувам потегот на Бујар Османи што тоа го прифати во името на ДУИ. Кога станува збор за уставните амандмани, еве да речеме да го прифатиме гласањето за тие, но да биде одложен ефектот, односно со одложено дејство. Практично околностите нема да се променат, нема да имаме промена на Устав, тие амандмани нема да бидат дел од тој устав, се до моментот додека Македонија не стане земја членка на ЕУ, рече Мицкоски.
Синоќа во гостување во вестите на ТВ Сител на прашањето дали ако уставните измени важат одложено, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги прифати уставните измени во собраниска процедура кога Владата ќе ги испрати, Мицкоски одговори дека тогаш ќе бараат гаранти да бидат ЕУ и САД.
– Тој предлог ќе биде доставен до канцеларијата на Европската Унија и САД и тие да бидат гарант на тој процес дека Македонија ќе ги примени овие уставни измени во својот Устав оној ден кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол од земјите членки во ЕУ, истакна опозицискиот лидер.
Мицкоски изјави и дека на лидерската средба со Ковачевски ги понудил 24 септември, 1 октомври или 8 октомври како датуми за предвремени парламентарни избори или широка влада.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби вчера на средба со заменик американскиот амбасадор во земјава Ерик Мејер порача дека „европската иднина на граѓаните и на државата е поважна и дека се подготвени за секаква одлука што би овозможила консензуално одобрување на уставните измени“.
Извршниот одбор на ДОМ вчера ја поздрави одржаната лидерска средба помеѓу Ковачевски и Мицкоски, оценувајќи ја како основа за конструктивен дијалог и политичко обединување за продолжување на македонските евроинтеграциски процеси, како и ставот на ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање на уставните измени. ДОМ најави и дека ќе поддржи влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, откако во Собранието заеднички ќе се усвои потребата од измени на Уставот.
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски на вчерашната средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски понуди консензуално усвојување на уставните измени, во замена на влез на опозициската партија во Владата со пет министри. Мицкоски рече дека за него е прифатливо учество на ВМРО-ДПМНЕ во заедничка влада со СДСМ и останатите партии, но без ДУИ, по што од ДУИ веднаш реагираа на ваквиот предлог на Мицкоски со став дека во интерес на усвојување на промените на Уставот, би прифатиле да поддржат формирање влада до изборите во која нема да учествуваат.