Со два прелета во воздушниот простор на Република Северна Македонија изутринава од 7:30 до 9:30 часот ќе се изврши првиот пробен прелет за потребите на НАТО мисијата „Air Policing” (чување на воздушниот простор). Прелетот ќе го извршат воздухоплови на вооружените сили на Република Грција.
Целта на прелетот е проверка на комуникациите и радарската покриеност на нашиот воздухопловен простор.
Прелетите се во функција на подготовката и исполнувањето на условите од страна на Република Северна Македонија во делот на воздухопловството како идна рамноправна членка во системот на колективна безбедност, соопшти Министерството за одбрана.
Мисијата „Air Policing” е мирновремена задача на НАТО, која вклучува користење на системот за следење на воздушниот простор и управување со системот за команда и контрола на воздухопловните сили со соодветни сили и средства за противвоздушна одбрана, со цел заштита на воздушниот простор на земјите членки на НАТО.