Физичкиот напад на малолетно момче (15 години) од екипата на „Алкалоид“ од страна на тренерот Влатко Котески за време на ракометен натпревар на турнир во унгарскиот град Сегедин, отвори сериозно прашање за клубовите, матичните федерации, институциите во државава, на кого се доверени да ги воспитуваат и спортски да ги обучуваат децата кои покажале љубов кон некој спорт во земјава !?
Работата со најмладите е многу специфична. Во зависност од некој блесок на сениорите, спортот станува „модерен“ за најмладите. Македонија такви блескави моменти и врвни спортисти лидери може да ги преброи на прсти. Најмладите си пронаоѓаат свои идоли, се поистоветуваат, посакуваат кога ќе пораснат да бидат како некој нов Дарко Панчев, Горан Пандев, Кирил Лазаров, Перо Антиќ… Лионел Меси, Килијан Мбапе, Кристијано Роналдо, Новак Ѓоковиќ, Никола Јокиќ… Листата на врвни спортисти е долга.
За да се стаса до тие височини на спортските терени треба некој правилно уште од мали нозе да ги селектира, да го препознае талентот, да им ја всади љубовта за спортот и на крајот да ги вивне во височините. Долг и макотрпен процес. Сите кои почнуваат да се занимаваат со спорт на крајот нема да бидат врвни спортисти, а некои навреме ќе се повлечат и ќе се пронајдат на друг терен. Но, заедничко за сите е дека ќе се научат на работа, ред и дисциплина. Ќе бидат одговорни граѓани на оваа држава со натпреварувачки дух. Поразите спортски ќе ги прифаќаат.
Родителите не жалат финансии и време децата да им успеаат. Во таа трка стасуваме до најважното, кој се ја презема одговорноста да биде „тренер“ и да ни ги тренира децата, да го открие нивниот талент.
Да се биде тренер, не значи да се работи во „дуќанче“ за собирање членарина. Треба да биде личност со авторитет, да поседува педагошко-психолошки вештини, пожелно е да има зад себе добра спортска кариера и да знае со правилна стручна работа да изгради добар спортист.
Последната непријатна случка која ни доаѓа од ракометот, кој ги освојува најмладите со континуираните настапи на македонските сениори на големите натпреварувања – ЕП и СП, го кажува спротивното. Тренерот од редовите на новоформираниот клуб „Алкалоид“ каде проектот го скицира најдобриот македонски ракометар, а сега селектор и тренер, Кирил Лазаров, физички нападнал малолетник за време на турнирски натпревар во Унгарија. Момчето со видливи знаци на телесни повреди се соочува со сериозни последици. Му посакуваме што побрзо да закрепне и да се врати на паркетот меѓу другарчињата, но не под надзор со ваков тренер-насилник кој своите фрустрации си ги лечи со физички напад на послаб – дете. А, клубот „Алкалоид“, кој има амбиции да прерасне во водечки ракометен бренд на домашната сцена, да реагира веднаш, а не неколку дена да молчи откако случајот од родителите на повреденото дете е пријавен и во полиција. Гласините станаа се погласни посебно во ракометните кругови, па се огласи и „Алкалоид“ дека изрекол санкција од три месеци за тренерот (В.К.) да биде надвор од тренажниот процес. Казна која ќе ја одработи во летниот период кога децата немаат активности и се на летен распуст !
За ваков престап треба доживотно да го исфрли, а тоа да го потврди и матичната – ракометна федерација. За насилни методи нема место во спортот. Тренерот со своето неконтролирано однесување не само што физички го повредил момчето ни криво ни должно со удирање со двете раце по глава, на сите други деца им нанел стрес и страв како ќе рерагира на други натпревари. Затоа е потребна брза реакција, на клубот, федерацијата, па и институциите. Треба конкретни чекори веднаш. Утре може да биде доцна.
Во ек се кампањи за борба против различни видови и во различни области на насилство. Ова е еден од несаканите и несекојдневни примери на насилство над најмладите што не смее да остане соодветно неказнето.