По предлог од четворица членови на бугарското Јавно обвинителство денеска Врховниот судски совет на пленарна седница предвремено го разреши од функцијата главниот обвинител во земјата, Иван Гешев, поради говор што му штети на престижот на судството.
За предлогот гласаа 16 членови на советот, додека четворица беа против.
Гласањето се одржа во отсуство на јавниот обвинител.
Иван Гешев ја презеде функцијата главен обвинител на почетокот на 2020 година. Неговиот мандат е седум години. За да биде сменет од функцијата потребно е Врховсниот судски совет да ја испрати подлуката до шефот на државата и тој да потпише указ за разрешување од функцијата „Главен обвинител“.
По победата на ГЕРБ на изборите во април, петти за период од две години, мандатарката за формирање влада Марија Габриел кажа дека сака да го тргне Гешев зашто претставува штета за судството. Гешев на ова возврати со обвинувањата дека сакаат да го убијат и се закани дека ќе ја разоткрие корупцијата на највисокото политичко ниво.
Гешев на 1 мај објави дека преживеал обид за атентат со бомба, при што беше повикан израелски балистички експерт да го потврди нападот, во кој не поверуваа многумина опозициски политичари.
Гешев приреди нов театар во понеделникот, кога јавно го искина писмото за оставка на која го принудувале, ветувајќи дека ќе го одработи мандатот до 2026. Споредувајќи се со убиениот италијански судија Џовани Фалконе, Гешев кажа дека тој и неговото семејство примиле бројни заплашувања и смртни закани. Исто така откри дека Борисов му го нудел амбасадорското место во Турција или Израел за да се ослободи од него.
„Најважната работа за мене е да работам за бугарскиот народ. Ќе го довршам мојот мандат без разлика на сè“, порача Гешев.