Маричиќ: Гарантирани ни се идентитетот и јазикот, можеме да зборуваме само за реафирмација

Гаранциите веќе ги имаме во преговарачката рамка, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во Сител телевизија, прашан дали европските институции се подготвени да дадат гаранции какви што очекува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Ако ги видите документите од минатото лето, кога се усвоија преговарачката рамка и заклучоците на Советот, таму точно е утврдено дека целото право се преведува на македонски јазик и европските институции не го оспоруваат македонскиот јазик. Едностраните видувања на Бугарија не значи дека се прифатени од европските институции, истакна Маричиќ.

Вицепремиерот рече дека е премногу несоодветно ние да тврдиме дека некој може да ни ги земе јазикот и идентитетот.

-Ние затоа го ставивме јазикот во преговарачката рамка, го потпишавме договорот за Фронтекс на македонски јазик… Веќе ни е гарантиран идентитетот. Но, може да зборуваме со европските институции за таква реафирмација, веќе неколку земји-членки тоа ќе го направат во наредниот период, кажа Маричиќ.

Тој повтори дека во Собранието минатата година се донесени заклучоци преку кои веднаш ќе се напуштат преговорите за членство ако се отвори прашањето за идентитетот и јазикот.

-Но, никој тоа не го бара од нас, заклучи Маричиќ.

Треба да знаете
Последни објави