Поранешниот американски претседател Доналд Трамп пристигна во Мајами, каде што треба да се појави пред федералниот суд денеска во 15 часот по локално време, на почетокот на неговото судење по кривичната пријава за незаконско чување доверливи документи, јавува Ројтерс.
Трамп изјави дека е невин и дека ќе ја продолжи својата кампања за претседателските избори во 2024 година.
„Се надевам дека целата земја гледа што прави радикалната левица на Америка“, напиша Трамп на својата мрежа „Truth Social“, пред да полета за Флорида со приватен авион на кој е испишано неговото презиме.
Поранешниот американски претседател, кој во средата наполни 77 години, го напушти голф-клубот во Бедминстер, Њу Џерси и се упати со возило под придружба до аеродромот во Њујорк, каде го чекаше авионот со кој отиде за Мајами.
Неговите приврзаници чекаа пред голф-клубот во Мајами кој е во сопственост на Трамп, со оглед на тоа дека тој ќе преноќи таму.
Во интервју за „Политико“, Трамп вети дека ќе ја продолжи својата претседателска кандидатура, дури и ако биде осуден.
Обвинението го товари Трамп за загрозување на националната безбедност, а обвиненијата за Законот за шпионажа носат значителни затворски казни, според Ројтерс.