Заврши надзорот на кучињата кои нападнаа осумгодишно дете од скопската населба Пинтија, кое почина поради тешките повреди. Од Агенцијата за храна и ветеринарство за „Макфакс“ посочуваат дека двете кучиња немале беснило, а го поминале и тестот за социјализација. Натамошната постапка ќе треба да ја заврши Обвинителството. Кучињата се од расата „булмастиф“, а АХВ ги презема на контрола пред два месеци, период во кој трипати биле испитувани за болеста беснило.
„Чекаме насоки од Обвинителството, бидејќи тие го водат предметот, за тоа што ќе се прави со кучињата во иднина“, велат од АХВ за „Макфакс“.
Случајот го води скопското Обвинителство. Оттаму нема јавнообвинителска одлука. Тие го чекаат резултат од обдукцијата.