Предупредувачки протест на вработени во Царината, директорот Богоев ги повика на средба

Новиот директор на Царинска управа, Стефан Богоев денеска ги покани на средба вработените кои пред зградата на управата одржаа предупредувачки протест, барајќи 30 отсто повисока плата.

Со службите на Царинска управа, ќе разговараме што досега е направено, бидејќи и досега се направени работи во поглед на работничките права и условите за работа. Во координација со Управата за јавни приходи, која има сличен проблем, ќе разговараме со Министерството за финансии, изјави Богоев и додаде дека во ниту еден случај не треба да дојде до затворање на границите.

Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, порача дека вработените кои протестираат го полнат државниот Буџет секоја година повеќе од 51 процент, носат оружја, вршат претреси, изложени се на висок ризик и не бараат ништо повеќе од тоа да се почитува законот и колективниот договор.

Протестот се одржа за време на паузата, а Деаноски посочи дека не го нарушува работниот процес, но не ја исклучуваат можноста за генерален штрајк на ниво на синдикат.

Очекуваат добар прием од новиот директор и решавање на проблемот, потсетувајќи дека кога бил градоначалник, со него бил склучен многу добар Колективен договор за вработените во Општина Карпош.

Треба да знаете
Последни објави