Сѐ уште се трага по исчезнатите лица во реката Лепенец, информираше за МИА, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Ангелов рече дека се трага во исклучително тешки услови.
– Реката е длабока и многу брза и носи предмети со неа кои претставуваат опасност на нуркачите, рече тој.
-На 17.06.2023 околу 15.20 часот е пријавено дека на патот Скопје- ГП Блаце се случила сообраќајна несреќа во која учествувале автомобил „фолксваген туран”, што го управувал Б.Б.(64) од Скопје и автомобил „бмв” со косовски регистерски таблички, управувано од Н.П.(60) од Косово, кое по несреќата паднало во реката Лепенец. Во возилото „бмв”, според пријавеното, покрај возачот имало и тројца сопатници М.П.(48), Ш.П.(21) и 16 годишен малолетник. По несреќата сопатникот Ш.П. е изваден од реката и пренесен во ГОБ „8 Септември” каде од лекар му биле констатирани телесни повреди, а по останатите три лица се трага од страна на екипи од Одделот за специјални полициски операции. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител возачот на возилото „фолксваген туран” Б.Б. е лишен од слобода и задржан за понатамошно постапување, велат од МВР.
Според првичните информации од Основно Јавно обвинителство, до несреќата дошло кога автомобил „Фолксваген туран“ со македонски регистарски ознаки претекнувал колона автомобили.
– Во моментот кога стигнал паралелно до автомобил со „БМВ“ косовски регистарски таблички кој се движел во истата колона, двете возила се доближиле и странично се удриле, по што косовскиот автомобил со четворица патници излетал од патот и се превртел во реката Лепенец, стои во соопштението од ЈО.
Дополнуваат дека причините за сударот сѐ уште се утврдуваат.