Поранешната руска гимнастичарка Алина Кабајева, за која се зборува дека е во долгогодишна врска со рускиот претседател Владимир Путин, наводно неодамна родила близнаци, пишуваат руските медиуми, а пренесува „Дејли мејл“.
Кабајева досега не се има огласено по повод ова прашање пред медиумите, а Кремљ никогаш не давал изјави за приватниот живот на рускиот претседател. Извори блиски до Кабајева изјавија дека не сакаат да ги коментираат озборувањата.
Според пишувањата на руските медиуми, целиот кат во Истражувачкиот центар за акушерство, гинекологија и перинатологија бил специјално уреден за поранешната гимнастичарка и пратеничка во партијата на Путин.
Еден од повлијателните весници во Москва, на својот портал ја објави оваа приказна која по кратко време изненадувачки ја избриша. Сергеј Канев истражувачки новинар кој е близок до руските известувачки служби, вели дека Алина родила близнаци.
Канев вели дека биле ангажирани голем број офицери од службите за безбедност, кои го прегледале целиот кат од родилиштето, пред пристигнувањето на Кабајева.
„Половина од медицинскиот персонал е исфрлен од ова одделение“, изјавил Канев, повикувајќи се на сопствен извор.
Познат лекар од Италија учествувал во породувањето, со асистенција на познат академик и директор на медицинскиот центар.
„Алина роди две момчиња и мораше да направиме царски рез“, изјавил лекарот.
Наводно раѓањето на близнаците не се споменува во медиумите кои ги води Кабајева, а која сега е директорка на Национална медиумска групација.
Приказната првично била откриена на сајтот Dom2Life кој го контролира тајкунот Александар Карманов. Веста е објавена на 12 мај, на роденденот на Кабајева. Интригирачки е тоа што Карманов е близок со олигархот Аркадиј Ротенбург, еден од најстарите пријатели на Путин.
Извештајот за раѓањето на близнаците е само една во низата приказни за Алина, која во последните неколку месеци се појавува во руските медиуми. Еден медиумски аналитичар вели дека му се чини дека против Кабајева се води кампања, но не му е јасно кој стои зад тоа.