Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска кажа дека е запознат со случајот со Кристијан Коцев, за кого граѓаните собираат финансиски средства за лекување во странство, дека тој боледува од ретка, тешка болест, но дека тој досега не се лекувал во јавно здравство.
„Тој нема поднесено барање до надлежните институции. Тој случај досега не се лекувал во јавно здравје. Четири – пет години не биле на преглед. Така што, ние не знаеме што се случува. Ова се државни институции здравствени и треба да има службено барање за да се разгледува, изјави Меџити на новинарско прашање зошто како Министерство за здравство, како и Фондот за здравствено осигурување, не понудиле помош за лекувањето на Коцев.
Министерот додаде дека секогаш се тука за пациентите и кога би имало такво барање, тие би го разгледале и би постапиле согласно законите за заштита.
Дваесетгодишното момче Кико треба да биде лекувано со матични клетки во Истанбул. Тој има ретка и тешка болест која брзо прогресира и за кратко време доведува до сериозна состојба. Парите се собрани за четири дена, а семејството започна постапка за стопирање на телефонските броеви за донации.
Лекувањето во Турција е 50.000 евра а поради состојбата ќе бидат потребни и дополнителни средства за специфичниот медицински транспорт. Се очекува дозвола од лекарите за тој да може да замине за Турција каде ќе го продолжи лекувањето.