Шаќири: Политиката не смее да се меша во образованието

Политиката не смее да се меша во образованието, а образованието пак е исклучително важно за креирање на исправна политика. Затоа е добро да има што повеќе настани на кои ќе дискутираме за унапредување на политичкото образование кај нас, ќе слушнеме различни мислења, ќе споредиме надворешни искуства и на крајот заедно ќе донесеме решение кое ќе биде оценето како најефикасно и лесно вградливо во националниот воспитно – образовен систем.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната конференција за политичко образование, организирана од Фондацијата за демократија на Вестминстер во партнерство со Претседателскиот центар за политичко образование при Кабинетот на Претседателот на државата.

Шаќири потсети дека во тек е најкрупната реформа на основното образование што досега се случила кај нас, која предвидува етапно заменување на наставните планови, програми и учебници и која ги насочува младите повеќе да учат за демократијата, за мултикултрализмот, да бидат толерантни и по мирен пат да решаваат конфликти, како и да бидат креативни и критички настроени. Како што рече, сето ова се вредности кои треба да ги поседува и принципи по кои треба да се води секој сегашен и иден политичар.

„Досега промени се случија во прво и четврто, во второ и петто одделение, а од септември и во трето и шесто. Мојот став е идентичен како и минатата година, дека повеќе содржини за политичко образование треба да има во седмо, осмо и деветто одделение, а тие за реформирање се предвидени од учебната 2024-2025 година. Така што, тогаш и најрано би можеле да се случат овие промени поврзани со политичкото образование“, рече Шаќири.

До тогаш, како што посочи министерот, ќе се прибираат информации и ќе се разменуваат мислења, а со големо внимание ќе биде разгледана и анализата на моделите на политичко образование, која ја изготви Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Треба да знаете
Последни објави