На денешната владина седница беше прифатен предлог-законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата и Советот на министри на Албанија за основање културно-информативни центри во двете земји.
Како што информираат од владината прес-служба, со спогодбата се воспоставува правна рамка за основање културно-информативни центри, преку кои уште повеќе ќе се интензивираат релациите во сите дејности од областа на културата, презентација и афирмација на културите на двете земји, како и институционално поврзување на субјектите од Македонија и Албанија, што би резултирало со голем број заеднички проекти и иницијативи.
„Отворањето на културните центри ќе придонесе за популаризација и презентирање на традицијата, културата и уметноста на Република Северна Македонија, ќе овозможи навремено и изворно информирање на граѓаните за актуелните културни текови во двете држави и ќе претставува мост за зближување и заемно запознавање меѓу народите“, велат од Владата.