Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска ги додели седумте договори за ангажирање вински промотори. Задача на винските промотори ќе биде домашна и меѓународна промоција на над 120 македонски винарии, преку социјалните мрежи.
Како што соопшти МЗШВ, критериумите по кои учествуваа аплилантите беа: да се познавачи на виното и винската култура, да имаат најмалку 10 000 следбеници на личните профили на социјалните мрежи и најмалку две години искуство во промоција на вино и производи од винско грозје на социјалните мрежи, како и да имаат предлог-план на активностите со временска рамка и методологија за реализација за најмалку шест месеци.
Од апликантите се бара и да имаат согласност за промоција на вино и производи од винско грозје на социјалните мрежи од најмалку десет корисници, со склучен договор за дело направен со правен субјект регистриран за услуги од областа на авторското право и индустриската сопственост како доказ.
-Секторот лозарство и винарство е значаен и високо во приоритетите на министерството. Втора држава сме во регионот и меѓу дваесете во светот по извоз на вино, овој факт не обврзува да вложуваме уште повеќе во промоција на нашето убаво вино. Вложуваме многу во промоција на македонското вино, преку поддршка за учество на реномирани меѓународни саеми, а сега со оваа нова поддршка за вински промотери дополнително даваме придонес во промоцијата на нашите винарии и нашето македонско вино. Континуирната поддршка за овој сектор придонесе да имаме стабилно производство на грозје, пораст во производството на вино, но и пораст на извозот на флаширано вино. Нашата искрена намера е да го развиеме винскиот сектор ја потврдуваме и со новиот закон за вино, но и со подготовката, за прв пат, на десет годишна стратегија за развој на секторот вино и на лозарството во нашата држава, рече Николовски.
Главната стратешка цел на оваа десетгодишна стартегија, напомена, е зајакнување на конкуретноста на македонската винска индустрија во делот на лозарството и винарството, со цел искористување на нејзиниот потенцијал.
-Визијата за развој на секторот е јасно отсликана со подготовката на новиот Закон за вино чие донесување ќе следи во 2023 година, а каде најголемите измени се однесуваат во делот на Географските ознаки и нивна заштита кои целосно се усогласени со Регулативата од Европска Унија, потенцира министерот.