Соединетите Американски Држави објавија продажба на муниција и воени резервни делови во вредност од 440 милиони долари на Тајван, како дел од нивната поддршка за островот на кој Кина има територијални претензии.
Продажбата не го проширува опсегот на американско оружје што му се доставува на Тајван, но е објавена во време кога Вашингтон и Пекинг се обидуваат да ги стабилизираат заладените односи.
Во известувањето до Конгресот, американскиот Стејт департмент обелодени продажба на муниција на Тајван во вредност од 332,2 милиони долари за топови од 30 мм и резервни делови за оружје и воени возила во вредност од 108 милиони долари.
Овие продажби ќе му помогнат на Тајван „да одржува сигурен одбранбен капацитет без да се промени основниот воен баланс во регионот“, објасни Стејт департментот.
Американскиот Конгрес има право да ја откаже продажбата, но таквата можност е малку веројатна во момент кога повеќето парламентарци бараат САД да ја зголемат воената поддршка за Тајван поради Кина.
САД долго време му продаваат оружје на Тајван, додека дипломатски ја признаваат само Кина, која го смета островот за дел од својата територија и не ја исклучува можноста еден ден да си го врати, доколку е потребно и со сила.