Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска во Охрид ја одржа последната работилница од едукативниот проект за превенирање на ризици и инциденти во предучилишните установи кои се поврзани со небезбедна храна.
На работилницата учествуваше и директорот на АХВ Николче Бабовски кој пред присутните учесници од Вевчани, Дебар, Дебрца, Охрид, Кичево, Македонски Брод, Пласница, Струга и Центар Жупа, истакна дека почнувајќи од 2022 година, со овој проект на АХВ се опфатени општини во осумте плански региони во државава. Годинава со едукации за безбедноста на храната во детските градинки, рече тој, обучени се повеќе од 750 лица кои имаат директен и индиректен контакт со храна.
-Минатата година, со пилот активностите за обновување и стекнување на нови знаења од областа на безбедноста на храната согласно HACCP и принципите на добрата производствена и хигиенска пракса, со едукативните работилници кои се одржаа во 19 градински во Скопје опфатени беа 351 вработени во градинките кои се вклучени во синџирот на подготовка на храна, рече Бабовски.
На работилниците, вработените во градинките учеа за критериумите за квалитет и безбедност на храната која се подготвува и служи во градинките, стандардите за спречување на можно физичко, микробиолошко или хемиско загадување на храната, нормите кои се однесуваат на принципите на добра хигиенска и добра производна практика во целиот процес за набавка, подготовка и послужување на храната на децата. Акцент на работилниците е ставен и на прашањата кои се однесуваат на подготовка на тендерската спецификација за набавка на суровини и храна, како за набавка и одржување на хигиената на опрема и прибор.
-Со обуките опфатени се и прашања кои се однесуваат на материјалите кои доаѓаат во контакт со храната, набавката и чувањето на средствата за чистење и дезинфекција, прием, складирање, подготовка, транспорт и послужување на храната. По заокружување на процесот на едукации Агенцијата за храна и ветеринарство ќе подготви препораки до Министерството за труд и социјална политика и локалните самоуправи со кои ќе укажеме за детектираните недоследности кои е потребно да се отстранат со цел правилно применување на одредбите од Законот за безбедност на храна, заклучи Бабовски.