Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека предложените уставни измени ќе бидат доставени до Собранието откако ќе се исцрпат сите можности овој процес да биде консензуален, како и дека во меѓувреме ќе работат со, како што вели, идеолошката линија во ВМРО-ДПМНЕ која ги сфаќа последиците од изолирање на земјата.
-Се исцрпуваат веќе полека можностите со ВМРО-ДПМНЕ, но не се целосно исцрпени. Се уште има надеж дека таму има доволно разум кои ги сфаќаат овие ситуации, го сфаќаат моментот и дека нема да играат на картатата на бугарските радикали. Затоа не се брза, за да се даде шанса, бидејќи кога ќе се поднесат еднострано јасно е дека дебатата ќе биде поинаква. Даваме уште шанса за разум да го сфатат моментот и да видиме дали некој таму работи против интересите на макеоднскиот народ и државата, рече Османи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во МНР.
Со оглед дека се исцрпуваат сите можности со ВМРО-ДПМНЕ, вели Османи, паралелно ќе се работи „со идеолошката линија во партијата која е за брзата патека за интеграција на државата, а не за патеката на држави со отворени прашања“.
-Убеден сум и веќе гледам сигнали во ВМРО-ДПМНЕ за една идеолошка поделба во однос на она што го зборувам, има луѓе во ВМРО-ДПМНЕ според моите информации кои упорно аргументираат дека не смееме да ја пропуштиме шансата сега во Уставот да се направи таа јасна дистинкција дека Бугарите се овде малцинство. Комплетна идеолошка линија во ВМРО-ДПМНЕ кои ги сфаќаат последиците од изолирање на земјата и влегување во втората патека. Сега се создавата две патеки – брзата патека и земјите со отворени прашања. Од нас зависи во која патека ќе влеземе ние. Се исцрпуваат веќе сите можности да се убеди ВМРО-ДПМНЕ, не велам дека се исцрпени, но затоа паралелно ќе работиме со оваа идеолошка линија која што ја сака оваа држава, ја сака нејзината иднина и ја гледа како европска, просперитетна.., рече Османи.
Прашан кога ќе почнат одделните средби со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што ги најави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, Османи рече дека има комуникации.
– Има комуникации и тоа не во форма на притисок туку за да се образложат аргументите, а на нив ќе остане на крај на која патека ќе ја остават државата, наведеОсмани, кој одржа прес-конференцијата по повод преземањето на претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИ) од страна на Северна Македонија.