Неколку европски лидери се обидуваа да ја убедат германската канцеларка Ангела Меркел, на самитот во Романија на 9 мај, да ја прифати позицијата претседател на Европскиот совет, но таа одби, пишува „Блумберг”.
Некои од тие шефови на држави или влади изразиле надеж дека таа, сепак, ќе се предомисли. Меркел е одлучна, како што се наведува, да го заврши канцеларискиот мандат, кој и истекува во 2021 година.
Лидерите на ЕУ ќе се соберат во Брисел на 28 мај за да ги почнат разговорите за кадровските решенија за клучните позиции во ЕУ, вклучувајќи го и местото претседател на Европскиот совет, Европската комисија и Европската централна банка. Формалната одлука за овие позиции треба да биде донесена на самит на 20 и 21 јуни.
Европскиот парламент, кој треба да ја одобри одлуката за тоа кој ќе биде на чело во ЕК, претходно најави дека само тие кои се формално номинирани како водечки кандидати на политички партии на изборите, може да се номинираат за оваа позиција.