Вучиќ ќе бара седница на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Косово

Српскиот претседател Александар Вучиќ, во денешното обраќање до нацијата, најави дека ќе побара итна средба со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, а првпат, како што рече, ќе побара и седница на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) поради ситуацијата во Косово, пишува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.

Од Советот за безбедност на ОН, Вучиќ рече дека ќе побара да иницира итни мерки за заштита косовските Срби.

Ќе побараме од Советот за безбедност да му нареди на КФОР да ја спречи операцијата на безбедносните сили на терен кои ги загрозуваат животите и безбедноста на Србите на северот на Косово“, изјавил Вучиќ.

Српскиот претседател додаде и дека неговата земја ќе бара „демилитаризација на сите вооружени албански формации во согласност со Резолуцијата 1244“.

Во своето обраќање до јавноста, Вучиќ кажа дека Србија направила сѐ што можела за да ја деескалира ситуацијата и дека таа не е виновна за тешката ситуација во која се наоѓа. За немирите во северно Косово тој го впери прстот кон Приштина, обвинувајќи дека во Косово се врши прогон и етничко чистење на Србите, за кое рече дека е добро организирано и поддржано од дел од меѓународната заедница.

Тој рече и дека во Косово се врши „криминализација на српскиот народ“.

Тензиите на северот на Косово настанаа на крајот на мај кога новите албански градоначалници на Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток со помош на полицијата влегоа во општинските згради и покрај противењето на локалните Срби кои ги бојкотираа изборите.

Европската Унија и другите западни земји бараат итна деескалација на ситуацијата, одржување нови избори и враќање на дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

Треба да знаете
Последни објави