Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против лицата Д.П. (51), вработен како претседател и член на Регулаторна комисија за енергетика до јуни 2018 година, С.Ј. (61), вработена како член на Регулаторна комисија за енергетика, В.К. (65), вработен како член на Регулаторна комисија за енергетика до март 2017 година и Е.М.В. (51), вработена како член на Регулаторна комисија за енергетика до декември 2017 година.
Кривичните пријави се поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
Четворицата противправно дале лиценци на три правни субјекти за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, сите на „Балкан енерџи“ ДООЕЛ, на кои подоцна им се признавал трошок поголем од дозволениот. Со тоа им било овозможено да остварат приход поголем од регулираниот дозволен максимален приход.
„Со носење одлуки спротивно на Законот за енергетика, на Правилникот за лиценци за вршење енергетски дејности и на Правилникот за цени и системски услуги, Д.П., С.Ј., В.К. и Е.М.В. му овозможиле на правното лице Дистрибуција на топлина ‘Балкан енерџи’ ДООЕЛ, а на штета на граѓаните – да оствари противправна имотна корист во вкупен износ од 409.549.941 денари или 6.659.349 евра“, соопшти МВР.
Лиценците на трите правни субјекти ги доделиле во 2012 година, без да бидат исполнети условите и критериумите објавени во ноември 2012 година со јавен повик за избор на носител на лиценца за регулиран производител на топлинска енергија, јавен повик за избор на носител на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија и јавен повик за избор на носител на лиценца за снабдување на топлинска енергија.
„Покрај тоа, пријавените во 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017 година, противправно и спротивно на правилникот за цени и системски услуги, донеле одлуки за утврдување на регулиран максимален приход за производство на топлинска енергија за греење, надоместок за системски услуги и системска резерва и тарифен став за произведена топлинска енергија, Одлуки за утврдување на регулиран максимален приход и тарифни ставови за вршење на енергетската дејност снабдување со топлинска енергија и одлука за утврдување на регулиран максимален приход за вршење на дејноста дистрибуција на топлинска енергија, со што на правните субјекти на кои претходно, противправно, им доделиле лиценци за вршење енергетски дејности им се признавал трошок поголем од дозволениот“, извести одделот за сузбивање организиран криминал во МВР.