Членството во ЕУ не е само стратешка цел сама за себе, тоа има суштинско значење: подобар животен стандард, фер шанса за младите, подобро образование, подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, посилен економски напредок, социјална правда и врвна демократија, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска во дискусијата на Летниот камп на СДММ во Охрид.
Подобар живот по европски стандарди меѓутоа по европски стандарди во Македонија, членка на ЕУ а не во држави членки на ЕУ надвор од својата родна земја, додаде тој.
-Затоа што младите и нивните мајки, татковци сакаат да бидат дома, свои на своето и тука да си ја градат иднината како граѓани и на Северна Македонија и на ЕУ, потенцираше Ковачевски.
Единствениот начин да им обезбедиме подобар живот на младите да живеат во европска држава е да продолжиме брзо на патот кон ЕУ, кажа Ковачевски.
-Засилен развој во ЕУ знаеме дека неминовно ќе се случи, а за тоа се доказ сите земји членки кои пред многу години биле во нашата ситуација, а кои по членството во ЕУ доживеале сериозен раст и развој. Денес нивните граѓани ја имаат шансата да живеат во земји со подобар стандард, да се побогати, да ги остваруваат сопствените потенцијали целосно, да живеат европски и слободно. Дали ќе бидеме и ние таму, сега зависи само и единствено од нас, рече Ковачевски.
Оваа историска шанса која ја имаме, не смееме да ја пропуштиме и треба да го дадеме нашиот глас за Европа, за нашата, за иднината на нашите деца. Затоа јас и често велам, гласот во македонскиот парламент за уставните измени е глас за европската иднина на Македонија Ако ја пропуштиме оваа можност, ќе пропуштиме уште 10 или 15 години, може да загубиме цела генерација и тоа не смееме да го дозволиме, дециден беше Ковачевски.
Европската унија е уникатен пример за успешна регионална интеграција и заедничка соработка. Таа поттикна мир, стабилност и економски раст на нејзините земји-членки. Сепак, ЕУ не е само економска унија, таа е, исто така, заедница на заеднички вредности, вклучително и социјална правда и солидарност, но и почитување на различностите, кажа Ковачевски.
Претседателот на СДСМ порача дека вредностите на социјалдемократијата се тесно поврзани со принципите и вредностите што ја засноваат Европската унија
-Социјалдемократијата, во својата основа, се стреми да создаде општество каде секој поединец има еднаков пристап до права, можности и социјална заштита. Ја нагласува важноста на силни јавни услуги, мрежи за социјална заштита, правични работни практики, квалитетно образование и здравствена заштита за сите. Овие вредности тесно се усогласуваат со принципите што ја засноваат Европската унија, рече Ковачевски.