Костадинов од Летниот камп на СДММ: Младите се силата неопходна за напредок и позитивни промени

Младите се силата неопходна за напредок и позитивни промени, од кои зависи иднината на целокупното општество, порача денеска потпретседателот на СДСМ, Перо Костадинов, во дискусија со младите социјалдемократи на Летниот камп којшто се одржува во Охрид.

-Како човек којшто потекнува и се градел преку социјалдемократската Младина горд сум што денеска можам да кажам дека СДСМ е партија која ги цени и вреднува младите и којашто со своите политики работи за нивната иднина, рече Костадинов.

Иднината на целокупното општество зависи од младите луѓе. Тие се силата, неопходна за позитивните промени и капацитетот за напредок на заедницата, додаде тој повикувајќи ги младите да ја продолжат борбата за европска иднина и вистински социјалдемократски и човечки вредноси.

-Борбата за вистинските вредности е вистинскиот пат за секој млад човек. Чесноста, праведноста и солидарноста се вредностите за кои вреди секоја една битка. Визијата за просперитетно и хармонично општество почитва на овие вредности кои промовираат еднаквост и инклузивност како и меѓусебно почитување. Тоа го носи и социјалдемократијата, нашите вредности се и европски вредности. Потребни ни се нови и современи идеи и неопходен е храбар младински дух, за да успееме. Заеднички, да создадеме подобра држава и да втемелиме европски вредности дома, рече Костадинов.

На заедницата и требат храбри млади луѓе, ослободени од стравовите и посветени на идеалите во кои веруваат, додаде тој.

-Општеството има потреба од социјалдемократскиот идеал и млади луѓе кои ја сакаат праведноста, ја практикуваат чесноста и ги поттикнуваат позитивните промени во заедница. Зоната на комфор не е избор, рече потпретседателот на СДСМ, Перо Костаднов на Летниот камп на СДММ денеска во Охрид.

Треба да знаете
Последни објави