Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на вториот ден од Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија во изјава за медиумите ги кажа ставовите на Северна Македонија кои денеска ќе ги пренесе во рамки на двете сесии од Самитот.
Во продолжение ви ја пренесуваме во целост изјавата на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.
„Најпрвин сакам да изразам големо задоволство од вчерашниот состанок, од првата сесија на којашто како што беше и очекувано се потврди единството во НАТО Алијансата. Притоа, сите го поздравивме влегувањето на Финска како 31 членка и чекорот кој е направен пред финално влегување во НАТО Алијансата на Шведска.
Исто така беа донесени многу важни одлуки, првата во однос на продолжувањето на поддршката на Украина. Второ во однос на подготовката на безбедносни планови на регионално ниво, во однос на финансирањето пришто беше донесена одлука за 2% од БДП да биде минимум издвојување за одбраната, пришто 20% најмалку да биде за модернизација. Исто така голема одлука беше донесена во однос на проширувањето на соработката на НАТО земјите во делот на сајбер безбедноста и во делот хибридните закани коишто ги гледаме околу нас.
Денес продолжуваме со две други сесии. Првата е со нашите партнери од Индо – пацифичкиот регион, тука со нас се присутни Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и Јапонија на коишто ќе ги споделиме најважните аспекти на заедничкото делување во однос на обезбедувањето мирот во светот во овој нов геополитички момент.
На состанокот ќе присуствуваат и претседателката на Европската Комисија и претседателот на Eвропскиот Совет на којшто исто така ние претставниците, претседателите и премиерите на земјите од Западен Балкан ќе го реафирмираме и ставот за важноста на европските и евроатланските интеграции за мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот на овој многу важен регион и за НАТО, меѓутоа и за ЕУ.
Ќе одржам и билатерална средба со премиерот на Грција и исто така ќе продолжи и втората сесија за денес која се однесува за првиот состанок на Советот на НАТО – Украина на којшто ќе разговараме подетално во однос на поддршката којашто НАТО ја дава на Украина, меѓутоа и за чекорите кои ќе бидат направени во иднина а сè со цел поголемо приближување на Украина кон НАТО.
Вчера бевте информирани од страна на генералниот секретар дека веќе е донесен нов план во однос на приближувањето на Украина, она што беше пристапување во два чекори, сега е во поедноставена процедура и дека наредните чекори и одлуки ќе зависат од консензусот и одлуките, како и од ситуацијата на теренот којашто ќе ја донесат земјите членки на НАТО”.