Дали сте забележале отекување на вратот, зголемување или намалување на телесната тежина без конкретна причина, дали имате промени во расположението, немате енергија за ништо, станувате чувствителни на топло или ладно, или пак, срцето ви работи забрзано? Доколку забележите некој од овие симптоми време е да направите превентивна контрола на вашата тироидна жлезда.
Тироидната жлезда важи за еден од најважните човечки органи поради функцијата што ја извршува. Слободно може да се каже дека таа е одговорна за нормален психофизички развој и добро здравје. Оваа т.н штитна жлезда му помага на телото да остане во рамнотежа контролирајќи ја речиси секоја функција во организмот.
Нејзината улога е да произведува тироидни хормони, коишто се лачат во крвта, а потоа истите се дистрибуираат до секое ткиво и се одговорни за голем број процеси во телото. Освен за регулирање на метаболизмот, тироидните хормони се одговорни за регулирање на телесната температура, промените во енергијата и расположението, отчукувањата на срцето, метаболизмот на протеини, јаглени хидрати и масти. Нормалната функција на штитната жлезда овозможува нашето тело да користи енергија и органите правилно да функционираат.
Доколку тироидната жлезда не функционира правилно, може да дојде до зголемено или намалено лачење на хормоните – хипотироидизам и хипертироидизам. Специјалистите велат дека не е толку тешко да се препознае ако тироидната жлезда лачи повеќе тироидни хормони. Забрзаната работа на срцето, несаканото слабеење, потење, разни психолошки нарушувања и слично, се знаци на хипертироидизам. Многу поголем проблем е со хипотироидизмот, односно намаленото лачење на хормоните, кој започнува постепено и подмолно, бидејќи знаците се нешто што ни се случува секој ден во животот – пад на концентрацијата, намалување на работниот капацитет, чувство на замор, нерасположение, проблеми со краткотрајната меморија, студенило, кожата станува бледа и сува. Исто така, луѓето забележуваат намалување на апетитот, но тежината почнува да се зголемува.
Според статистиката, во светот некакво нарушување на тироидната жлезда имаат над 200 милиони луѓе. Проблемите со тироидната жлезда може да се јават кај секого, без разлика на полот или возраста, но статистички се поизразени кај жените. Токму затоа, од исклучителна важност се редовните прегледи кои се препорачуваат, особено за жени по 40тата година, од причина што некои манифестации погрешно можат да се припишат на проблеми кои жените ги имаат, особено со влезот во менопаузата.
Ненавременото откривање на нарушената функција на тироидната жлезда или нетретирањето, може да води и до некои посериозни состојби, како што се проблеми со срцето, остеопороза, проблеми со видот, кожата, нарушено ментално здравје и друго.
Токму затоа, доколку забележите неправилност во работата на вашето тело, размислете да направите проверка на состојбата на вашата тироидна жлезда. Тоа можете да го направите во ПЗУ СИНЛАБ каде на пациентите им се на располагање два пакета за испитувања – мал или голем пакет тироидни хормони. Со цел поголема достапност на услугите, оваа лабораторија овозможи побрзо и полесно правење на здравствени анализи со термини за закажување на секои 15 минути. Закажувањето може да се направи онлајн, а на овој начин може и да се плати услугата, со што се избегнува чекање на шалтер.