Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) издаде дозвола за работа на нова осигурителна компанија „Прва живот“ коа ќе нуди осигурување живот на нашиот осигурителен пазар. Основач и единствен сопственик на новоформираното друштво за осигурување живот е словенечкиот осигурителен холдинг ПРВА ГРУП (SKUPINA PRVA, zavararovalniski holding, d.d).
Словенечката групација, како што соопштија од АСО, е реномиран холдинг кој две децении управува со пензиски фондови во Словенија, Србија, Македонија и во Косово. Групацијата има осигурителна компанија во Словенија, а се очекува нивниот влез на нашиот осигурителен пазар да ја подобри конкурентноста во секторот и да придонесе во збогатување на понудата на производи за осигурување живот.
Во новоформираното осигурително друштво словенечката компанија вложи 4 милиони евра, колку што изнесува и основачкиот капитал на „Прва живот“. Средствата се депонирани на посебна девизна сметка на централната банка.
„Прва живот“ ќе биде шеста компанија на македонскиот пазар за осигурување живот на кој сега работат „Кроација осигурување – живот“, „Триглав живот“, „Граве“, „Винер лајф ВИГ“ и „Уника лајф“.
Вкупната актива на овие компании, според податоците на АСО, на крај на минатата година изнесуваше 187 милиони евра што претставува 38 отсто од вкупната актива на сите 16 осигурителни компании.
Ланската година вложувањата во осигурување живот надминаа 37 милиони евра. Овој сегмент на осигурителниот пазар лани пораснал за 14 отсто во споредба со претходната 2021 година.
Заклучно со крајот на 2022 година во земјава животно осигурување имале 305.322 лица што е за речиси 45.000 лица односно 17 отсто повеќе во споредба со претходната година. Во истиот период бројот на активни договори надминал 171.000 и е зголемен за 7 отсто.
Компаниите за осигурување живот во 2022 годинава на осигурениците им исплатиле вкупно 11,5 милиони евра, односно 18,5 отсто повеќе средства од претходната година. Средствата се исплатени заради настаната смрт на осигуреник, доживување или за прекин на договор за осигурување со штедна компонента.
Во првите шест месеци од годинава граѓаните во осигурување на живот вложиле над 14 милиони евра. (З.П.)