Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија во изјава за медиумите говореше за перспективата на Северна Македонија, како и за тоа што значат донесените одлуки на Самитот, за Алијансата, за нашата држава како НАТО членка и за нашиот регион.
Во продолжение ви ја пренесуваме во целост изјавата на премиерот Ковачевски:
„ Почитувани медиуми, најпрвин благодарност што бевте тука со нас, во Вилнус.
Заврши уште еден успешен НАТО Самит. Сакам да му честитам најпрвин на домаќинот – Претседателот на Литванија за одличната организација и за гостопримството за сите делегации тука во Вилнус. Во рамки на Самитот, како што и сами можевте да видите, имав билатерални средби со естонската премиерка Калас и грчкиот премиер Мицотакис, како и бројни неформални средби со претседатели и премиери од земјите членки на НАТО.
Покрај суштинските дискусии, имавме и интензивна агенда на состаноци со лидерите на НАТО членките, но и со лидерите на ЕУ, Украина и блиските партнери од Индо-пацификот – Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја. Како лидери на НАТО земји членки, донесовме суштински одлуки со кои ќе зајакне колективната одбрана и безбедноста на сите наши граѓани.
Прво, ги усвоивме новите регионални планови за колективна одбрана и брз одговор на заканите преку копно, вода и воздух. Ова е генерациска трансформација што долгорочно ќе го зајакне НАТО.
Второ, донесовме Нова заложба за инвестиции во одбраната од најмалку 2% БДП од кои 20% ќе се наменети за модернизација. Ние оваа година имаме 1,85% од БДП наменети за одбрана, односно 274 милиони евра следната година според буџетската проекција веќе достигнуваме 2% БДП, односно 304 милиони евра и ќе го држиме тоа ниво во иднина.
Новите инвестиции ќе помогнат во јакнење на нашите капацитети за одбрана, справувањето со тероризмот, со растечките сајбер и хибридни закани, како и злоупотребата на нови технологии.
Трето, одлучивме да продолжиме со недвосмислена и силна поддршка за Украина. Ние имаме како држава многу јасна позиција и Северна Македонија секогаш ќе го поддржува правото на самоодбрана и заштита на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Ние сме понова НАТО членка и како таква сме силни поддржувачи на политиката на отворени врати, благодарение на кое и станавме земја членка на НАТО, а НАТО веќе има донесно одлука во 2008 година дека Украина треба да стане полноправна членка.
На овој Самит го формиравме Советот НАТО-Украина што претставува историски чин и денес се одржа првиот состанок на Советот на НАТО – Украина на кои присуствуваа и претседатели и премиери на сите земји членки на НАТО и претседателот на Украина заедно со неговиот тим и го усвоивме надградениот пакет за долгорочна поддршка за Украина, за поддршка на реформите и трансформација на нивните воени сили согласно НАТО стандардите.
Денес, беше објавена и заедничка декларација на Г7 со Украина, која ја поздравуваме и поддржуваме и која во иднина ќе биде корисна рамка за нашата поддршка на Украина.
Говорејќи за силните партнерства, за нас како држава и како регион, од суштинско значење е блиската соработка меѓу НАТО и ЕУ за која сите овде присутни можеа да се уверат. Во моите изјави деновиве, меѓутоа и во изјавите на претставниците на државите од ЗБ, напоменав дека соработката НАТО-ЕУ суштински влијае на одржувањето на безбедноста и стабилноста и на забрзувањето на евро-интеграциските процеси во регионот.
Северна Македонија како НАТО членка, со започнати преговори за членство во ЕУ, неспорно делува како фактор на стабилност на Западен Балкан. Ќе продолжиме посветено и конструктивно да придонесуваме за развој на регионалната соработка и консолидација на стабилноста на нашиот регион.
Токму затоа активно работиме и сме целосно посветени на остварување на втората стратешка цел – полноправно членство во ЕУ. Јас многу пати сум говорел дека е членството во ЕУ е втора стратешка цел на државата, првата стратешка цел е остварена – членството во НАТО и вие медиумите можевте да се уверите што и како изгледа да се седи на иста заедничка маса со најсилните земји во светот.
Благодарение на тешките одлуки кои ги бевме донеле и визионерски денес ние сме дел од НАТО – Алијансата.
И двете стратешки цели од нас бараа да донесеме храбри и визионерски и државнички одлуки, а нашите граѓани не заслужуваат ништо помалку од таа визија без политички калкулации.
НАТО јасно нагласува дека Западен Балкан е регион од стратешко значење што може да се види и од комуникето што е споделено.
Посветеноста на НАТО на стабилноста и безбедноста е преку поддршката на реформите кои ќе придонесат за напредок во аспирациите на земјите од регионот за членство во НАТО и ЕУ.
Ова е еден исклучително значаен заклучок којшто потврдува дека НАТО Алијансата споделува исти вредности со ЕУ и поддршката која земјите членки на НАТО ја даваат на регионот е токму во насока на зачленување на нашата и на другите земји од регионот во ЕУ.
Тоа во превод значи дека секое кочење кое политички партии пред се од опозицијата го прават во нашта држава и тука најмногу мислам на ДПМНЕ и кое што го прават во Собранието и во однос на блокадите на реформите и во однос на несоработката за одлуката за уставните амандмани, е директно и активно работење против ЕУ, а со тоа и против НАТО и стабилноста и безбедноста на регионот. И ова, повторно е јасно за сите тука, и за нашите НАТО сојузници, и за парнерите на НАТО, односно ЕУ кои се денеска тука со нас.
Освен тоа, НАТО продолжува да ги засилува политичкиот дијалот и практичната соработка во насока на поддршка на реформите, регионалниот мир и безбедност и справувањето со малигни влијанија вклучително дезинформациите, хибридните и сајбер зајаните кои доаѓаат од државни и недржавни актери.
Демократските вредности, владеење на правото, домашните реформи и добрососедските односи се витални за регионалната соработка и евро-атланските интеграции, и истите ќе донесат очекуван развој.
Благодарение на одлуките кои ги донесовме во текот на изминатиот период, денеска како земја членка ја имаме целата поддршка на сојузниците, НАТО е тука за нас кога се справуваме со хибридните закани, НАТО е тука за нас кога ја јакнеме Армијата, а благодарение на стабилнсота и сигурноста која ја имаме како НАТО членка, имаме и рекорден број на странски инвестиции во текот на сите изминати години споредени со сите други години во износ од 754 милиони евра која што е направена во најкризната година по втората светска војна.
Исто така имаме историско намалување на невработеноста и историско зголемување и на пензиите и на платите. Сигурно дека удел во вакви показатели има и сигурноста и безбедноста на инвеститорите во државата.
Ќе продолжиме по истиот пат да работиме забрзано и на членството во ЕУ, затоа што покрај безбедноста, енергетиката и економијата, пристапните преговори со ЕУ значат реформи во владеењето на правото и подобар стандард за живот на граѓаните.
Ви благодарам што бевте присутни во текот на изминатите денови!”