Вечерва во Охрид ќе биде отворено 63. издание на најреномираната музичко-сценска манифестација со интернационален предзнак, „Охридско лето”. Свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето” ќе започне во 21:00 часот, со концерт на светски познатата оперска дива Анџела Георгиу, која ќе настапи со Оркестарот на Националната опера и балет на Република Северна Македонија, под диригентската палка на извонредниот Чипријан Теодорашку од Романија.
Фестивалот „Охридско лето” ќе го прогласи за отворен покровителот, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, а свое обраќање ќе има и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, а од името на уметниците, присутните ќе ги поздрави диригентката Бисера Чадловска.
Љубителите на уметноста, во периодот од 12 јули до 20 август, ќе имаат можност да уживаат во 34 концерти и седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. На фестивалските сцени – Антички театар, Долни Сарај, предворјето на црквата „Св. Софија” и Центарот за култура – ќе настапат над 1.000 уметници од над 20 земји од светот: Србија, Чешка, Италија, Словенија, Полска, Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет, како и домашни уметници од Македонија.