Под мотото „Достигни ги височините”, од денеска до 21 јули во Крушево ќе се одржува 13. Македонска извидничка смотра. Најавено е учество на преку 1 000 извидници од земјава и од повеќе од 15 држави од регионот, Европа и светот.
Генерален покровител на настанот е претседателот на државата Стево Пендаровски, а логистичка поддршка обезбеди Армијата на Република Северна Македонија.
Извидничката смотра предвидува повеќе едукативни патеки, вклучувајќи активности за личен развој, здравје, животна средина, адреналин и авантура, како и традиција и култура, кои имаат за цел да придонесат за личниот, индивидуален развој на учесниците.
Дневната програма ќе биде збогатена со дебати, трибини и панел дискусии на кои ќе се дискутираат прашања од важност за младите, а ноќната е резервирана за музички настапи на Суперхикс, Day Off и DJ Гоце САФ, културно-уметнички манифестации, талент шоу и филмски вечери – поддржани од МакеДокс.
Настанот ќе почне со церемонијално отворање на кое, како што е најавено, ќе присуствуваат претседателот Пендаровски, евроамбасадорот Дејвид Гир, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, директорот на Јавно претпријатие „Национални шуми“ Валентин Груевски, градоначалникот на Општина Крушево Томе Христоски и директорот на Агенција за млади и
спорт Наумче Мојсоски.
Отварањето ќе се одржи во Ски центарот – Крушево. По овој повод ќе има и шоу подготвено од извидниците. Планирано е и неформално запознавање со извидниците и волонтерите од земјите – учесници на смотрата: Северна Македонија, Белгија, Бугарија, Германија, Израел, Словачка, Србија, САД, Франција, Хрватска, Црна Гора, Албанија, Италија, Романија, Шпанија, Швајцарија.
Сојузот на извидници на Македонија (СИМ), како најголема младинска чадор организација во државата, 70 години работи на полето на неформална едукација преку стекнување здрави животни навики со активности во природа, а обединува членство од повеќе од 3 000 деца и млади на национално ниво. Еднаш, на секои пет години, како дел од својата програма, ја организира извидничката смотра, која претставува најмасовен, едукативен, авантуристички, повеќедневен камп за деца и млади.