Клиниката за гастроентерохепатологија стана член на Конзорциум на Европската асоцијација за проучување на хронична црнодробна инсуфициенција чии активности се насочени кон продлабочување на научните истражувања за хронична црнодробна слабост. Со ова клиниката станува еден од 100-те референтни центри за проучување на хроничната црнодробна слабост кои се лоцирани во 26 европски држави. Активности во рамките на Конзорциумот имаат крајна цел подобрување на квалитетот на живот и зголемување на преживувањето на пациентите со цироза на црн дроб.
За добивање на овој Сертификат за членство апликацијата беше поднесена минатата година.
„Добивањето на сертификатот е потврда за низата активности кои беа преземени за унапредување на дијагностиката и третманот на болестите на црниот дроб кои ги направивме во изминатиот период. Ова исто така е доказ за високата стручност и посветеност на нашите доктори и истражувачи, кои се рамо до рамо со европските колеги. На крајот најголема придобивка секако имаат пациентите преку продолжување на нивниот живот и подобрување на неговиот квалитет, и покрај тоа што имаат тешко заболување”, истакнува проф. д-р Калина Гривчева Старделова, директор на Клиниката на гастроентерохепатологија.
Сознанијата кои се добиваат во различните научни центри доведуваат до заедничко идентификување, карактеризирање и воспоставување на дијагностички критериуми, како и дизајнирање на нов начин за разбирање на механизмите на хронична црнодробна слабост, која се смета за главна причина за смрт од цироза.
Минатиот месец на Клиниката за гастроентерохепатологија беше отворен и посебен Центар за болести на црн дроб. Центарот е комплетно опремена со медицинска опрема и апарати, меѓу кои фиброскен и ехо апарат со еластографија, кои се особено значајни за прецизна и навремена дијагностика на различни заболувања на црниот дроб.
Во март годинава заврши и темелно реновирање на едниот кат на Клиниката, со што пациентите и вработените добија модерен простор кој целосно ги задоволува највисоките стандарди за медицински третман и нега.