Рускиот антивоен активист Петар Никитин, еден од основачите на Руското демократско друштво, е приведен ноќеска на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ кога се обидел да влезе во Србија, каде што живее долги години.
„По годишниот одмор што го поминав со мајка ми во Португалија, ми беше одбиен влезот во Србија. На граница ми рекоа дека ми е забранет влезот, не беше дадено објаснување зошто. Друга основа не гледам, ниту наоѓам основа во законот, освен моето политичко дејствување и тоа што овде, во Србија, мобилизирам протест против претседателот Путин. Очигледно, тој протест не е добредојден во Србија, луѓето кои не го сакаат Путин не се добредојдени во Србија“, објаснува активистот Никитин во видеото што го објавија српските медиуми.
Како што објасни за порталот Нова.рс, му било кажано дека може доброволно да ја напушти Србија. Сепак, тој одбил.
„Одбив да одам во Франкфурт, како што ми наредија, бидејќи нема што да барам таму. Мојот дом е Белград, овде живеам седум години, доаѓам повеќе од 20 години, а тука имам две деца“, објаснува Никитин.
Никитин во разговор со Н1 објасни дека во решението за забрана за влез во Србија, кое му е врачено, стои дека му е забранет влез во земјата, врз основа на тоа што му бил забранет влез во Србија.
„Значи, тоа е забрането затоа што е забрането“, иронично забележува Никитин и подвлекува дека има постојано живеалиште во Србија, па затоа не може да му се забрани влез во земјата без претходно да се откаже од постојаниот престој.
„Тоа е апсолутно незаконска одлука и нема да се предадам“, рече Никитин. Тој рече дека оваа забрана следела по одлуката на Безбедносно информативната агенција (БИА).
Тој вели дека не смета на помошта од амбасадата на Руската Федерација, но посочува и дека е државјанин на Холандија, и дека ќе стапи во контакт со дипломатското претставништво на таа земја во Србија.
„А во спротивно ќе ги известам сите. Ова е мојот дом, тоа што отворено ги кажувам моите ставови, дека сум противник на политиката на Владимир Путин, тоа не е причина да не ме пуштат дома“, заклучува Питер Никитин.