Од 17 часот на 15 јули (сабота) до 17 часот на 16 јули (недела) Секторот за внатрешни работи Тетово ќе воведе посебен сообраќаен режим од и кон мијачкото село Галичник, а во кое ќе се одржува традиционалната манифестација „Галичка свадба 2023“.
Во овој период во селото ќе може да влегуваат само возила со посебни пропусници, а сите други гости и посетители своите возила ќе треба да ги паркираат на стадионот во Галичник или на ливадите од двете страни пред стадионот.
Минибусите и комбињата ќе треба да се паркираат на споредниот пат за соседното село Лазарополе.
Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до сите оние што на манифестацијата „Галичка свадба“ ќе дојдат со возила или минибуси и комбиња да се придржуваат на наредбите и насоките од полициските службеници и да не ги оставаат возилата надвор од предвидените места за таа намена.
Исто така, се апелира целосно да ги почитуваат и сите сообраќајни правила и прописи и јавниот ред и мир, со што ќе придонесат за успешно одржување на оваа традиционална и надалеку позната манифестација.