На денешната седница на Собранието на Косово дојде до физичка пресметка меѓу претставници на владејачката Самоопределување и претставници на опозициските партии.
Како што јавуваат приштинските медиуми, инцидентот се случил за време на говорот на премиерот Курти.
Не се знае точно што се случило, но во еден момент премиерот Курти бил полеан со вода и почнале да се собираат пратеници по што настанала тепачка, пишува „Коха“.
Претседателот на Собранието, Гљаук Коњуфца, нареди полицијата да интервенира.
Шефот на пратеничката група на Алијансата за иднината на Косово, Бесник Тахири, претходно ја критикува владата за начинот на кој управува со состојбите на северот на земјата.
Тој побара одговор од премиерот Курти зошто до сега не ги следел советите на САД.
„Несомнено, вчерашниот ден е еден од најстрашните денови во историјата на владеењето на нашата држава. Тоа е денот кога владата и ова собрание беа обземени од страв и гнев. Премиере, вчера донесовте одлука да се повлечете по четири месеци експериментирање. По четири месеци откако го ставивте Косово како најсанкционирана земја. По четири месеци загрозување на полицајците. Излезете и кажете зошто го малтретиравте народот и воведовте санкции. Авторитетот ви падна на земја вчера. Мора да излезете овде и да покажете зошто им рековте ‘не’ на САД, отидовте во Братислава и се снајдовте“.