Во услови кога тече постапката за замена на личните документи поради новото име на државата и кога на многу граѓани им се бараше уверение од Град Скопје со кое ќе го докажат новото име на улицата, Општина Аеродром бара од Град Скопје да се вратат имињата на дел од улиците во Лисиче кои беа сменети, како и на многу други скопски улици, во времето на владеењето на Никола Груевски. Тогаш голем дел од улиците добија имиња на личности од антиката.
На вчерашната седница на Советот на Општина Аеродром, претседателот на Советот Дејан Митески предложи иницијатива за враќање на старите имиња на улиците. Иницијативата беше изгласана со мнозинство гласови кои ги има ВМРО-ДПМНЕ во Советот. Се бара, на пример улицата Благој Попов повторно да биде улица 1612, како и враќање на името на улицата 1613, која во последните две години го носи името на народниот херој Гоце Стојчевски Амбарче. Покрај овие улици се бара и враќање на старото име на улицата 1611, која по ново се вика Павел Шатев, како и на 30 улици кои сега имаат име да им се врати името Ѓорѓи Капчев со додавка на број (на пример Ѓорѓи Капчев 1, Ѓорѓи Капчев 2 и така натаму), а истото да се направи и со 50 –тина улици чие претходно име беше Тодор Чангов и се разликуваа само по број.
ВМРО-ДПМНЕ веднаш по локалните избори проба да се вратат старите имиња на улиците. На една од првите седници на Советот на Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ предложи точка на дневен ред за поништување на одлуката на ексградоначалникот Петре Шилегов со која античките имиња се избришаа и се вратија старите имиња на улиците, како Ленинова, Водњанска, Мексичка и други, кои беа променети во времето кога на чело на Град Скопје беше градоначалник Коце Трајановски.
Пред две недели, исто вакво барање до градоначалничката Данела Арсовска достави и Општина Бутел.