Петровска: Буџетот за одбрана постојано расте, следната година ќе достигнеме 2% од БДП

За последниот Самит на НАТО во Вилнус, инвестициите во одбраната и модернизацијата на Армијата, министерката за одбрана Славјанка Петровска разговараше во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.

Развојот на технологијата и порастот на неконвенционалните безбедносни предизвици наложуваат државите да ги зголемат инвестициите во одбраната и безбедноста на своите граѓани.

“Заложбата на сите земји членки е дека веќе 2%, согласно претходните заложби, максимумот којашто треба да ја постигне секоја членка до 2024 година, сега ќе биде долната граница којашто секоја земја ќе треба да го постигне“, елаборираше министерката Петровска околу заклучоците од Самитот на НАТО во Вилнус.

Буџетот на Министерството за одбрана расте постојано, а оваа година тој е 1,85% од БДП, односно 274 милиони евра, посочи министерката Петровска, која дополни дека станува збор за доволно средства за реализација на започнатите и новите проекти за модернизација на Армијата.

“Извесно е дека следната година ќе го достигнеме минимумот од 2% од БДП за одбрана. Она што е важно е и начинот на кој ги трошиме тие средства. Во НАТО Алијансата се почитува принципот најмалку 20% од буџетот за одбрана да биде наменет за модернизација и опремување и Република Северна Македонија тоа го прави. Минатата година беа 30%, оваа година се испланирани 33% од буџетот“, рече Петровска.

Во емисијата, министерката Петровска разговараше и за полигонот Криволак, за кој истакна дека како држава треба да ни биде гордост што имаме таков капацитет.

“Полигонот Криволак прераснува во сериозен национален капацитет, но и во капацитет на НАТО Алијансата. Се почесто и почесто многу од нашите сојузници бараат да го користат Криволак и за изведување на вежбовни активност, а многу често го користиме и за изведување на мултинационални вежби“ посочи Петровска.

Треба да знаете
Последни објави