Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз е новиот шампион на Вимблдон, откако денеска со 3-2 во сетови,односно 1-6, 7-6, 6-1, 3-6 и 6-4 славеше против ланскиот првак Новак Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ имаше фуриозен почеток на натпреварот и врза два брејка на сервисот на Алкараз за водство од 5-0, по што шпанскиот тенисер до крајот на сетот успеа да освои само еден гем (1-6).
Алкараз прв направи брејк во вториот сет и поведе со 2-0, но Ѓоковиќ веднаш се врати во игра и израмни на 2-2. Двајцата тенисери беа сигурни на свој сервис до тај-брејкот каде што Шпанецот беше подобар со 8-6.
Шпанецот доминираше во третиот сет, каде што дури три пати му го одзема сервисот на Ѓоковиќ за 6-1 и водство од 2-1 во сетови.
Ѓоковиќ го крена нивото на игра во четвртиот сет, откако спаси две брејк топки, а потоа му го одзема сервисот на Шпанецот за водство од 3-2. Србинот играше добро и во продолжение од сетот кој му припадна со 6-3.
Во петтиот сет Алкараз направи брејк во третиот гем за водство од 2-1, а потоа беше сигурен на свој сервис за водство од 4-2. Ѓоковиќ се обидуваше да направи брејк и да ја врати неизвесноста, но едноставно не можеше да го надигра младиот Шпанец (6-4).