Родителски зборови што ја повредуваат личноста на детето

Родителите честопати на своите деца несвесно им кажуваат нешта што може да бидат многу штетни за личноста во развој, предупредуваат психолозите. За „Хафпост“ (HuffPost), неколку стручњаци издвојуваат дел од тие штетни изрази и реченици што секој родител треба да се обиде да ги отстрани од својот речник, бидејќи на детето му нанесуваат повеќе штета отколку добро.

„Не е тоа ништо страшно“

Децата често плачат од тага или бес поради работи што често му се чинат неважни на родителот… Возрасниот, имено, понекогаш вели дека она што прави детето да се чувствува лошо – „не е толку страшно“, но минимизирањето на чувствата на детето е многу штетно. Таквите коментари само му укажуваат на детето оти неговите / нејзините чувства не им се важни на родителите.

Како што објаснуваат психолозите, овој вид одговор му испраќа погрешна порака на детето дека нивните емоции не се важни и дека е „глупаво“ да се биде исплашен, тажен или разочаран. Советот и решението е – сериозен и потемелен разговор со малечкото.

„Тажен сум кога го правиш тоа“

Родителите никогаш не треба да ги обвинуваат своите деца за сопствените чувства, па ваквата реченица, всушност, се смета за еден вид емоционална уцена. Психолозите објаснуваат дека со оваа реченица, родителите му укажуваат на своето дете дека тоа „има моќ“ да влијае на нивното расположение, и тоа – во лош контекст.

„Требаше да знаеш или да размислиш подобро“

Психолозите сметаат дека оваа реченица е исклучително штетна за кое било дете, бидејќи го става во одбранбена положба. Односно, ваквиот начин на изразување скоро неизбежно предизвикува срам кај детето и негативно влијае на неговата самоувереност, бидејќи се добива впечаток дека сѐ што тоа прави, го чини на погрешен начин.

Исто така, тоа може да предизвика спротивен ефект и детето да биде и понепослушно кон родителите во иднина.  

Треба да знаете
Последни објави