Иницијативата за Црното Море „влезе во историјата“ и спречи криза со храна, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на прес-конференција во Истанбул пред неговата посета на земјите од Персискиот Залив.
„Оваа иницијатива, која беше потпишана пред речиси една година, оттогаш влезе во историјата како дипломатска победа. Како дел од иницијативата беа испорачани повеќе од 33 милиони тони храна. Благодарение на неа беше спречена кризата со храна во многу ранливи земји. Турција до последен момент вложи максимални напори да го спаси договорот за храна“ – рече Ердоган.
Турскиот претседател посочи дека верува во телефонскиот разговор со рускиот лидер Владимир Путин за договорот за храна по враќањето од посетата на земјите од Персискиот залив.