Онлајн кредитите веќе создадоа солидна база на клиенти, но со оглед дека се работи за релативно нова индустрија, се наметна потреба од формирање Асоцијација која ќе работи на промовирање и примена на унифицирани стандарди за квалитет за да се обезбеди повисоко ниво на заштита и јасни правила на соработка со клиентите.
Промовирање сигурни, општествено одговорни и одржливи практики на кредитирање, промовирање на можностите што ги даваат небанкарските финансиски технолошки решенија кои ќе бидат од корист на поединците и општеството во целина, создавање услови за заедничка работа на финансиските друштва на воведување стандарди за квалитет на услугите, како и креирање стратегија за развој на индустријата заедно со надзорните органи и законодавецот, се основни цели поради кои овој месец беше формирана Асоцијација на финансиски друштва.
Индустријата на онлајн кредити кои ги нудат финансиските друштва последниве години зема сé поголем замав, поради што и се наметна потребата од формирање на Асоцијација која ќе овозможи поголема транспарентност на финансиската индустрија. На овој начин ќе се обезбеди и поголема доверба на корисниците, но и на надлежните институции и секако и на целокупната јавност во индустријата. На почетокот на годинава, 24 друштва имаа одобрение од Министерството за финансии за вршење на дејноста. Последниве две години има и неколкукратен раст не само на бројот на склучени договори, туку и на средствата кои се пласирани кај граѓаните и компаниите.
„Онлајн кредитите насекаде низ светот веќе создадоа солидна база на клиенти и со едноставната процедура и достапноста се изборија за голем дел од пазарот. И нашата земја не е исклучок од современите текови, така што е во постојан пораст бројот на компаниите кои нудат брзи и лесни решенија за микрокредитирање на физички и правни лица. Сепак, со оглед дека станува збор за релативно нова индустрија, оценивме дека постои потреба од формирање Асоцијација која ќе работи на промовирање и примена на унифицирани стандарди за квалитет на индустријата за да се обезбеди повисоко ниво на заштита и јасни правила на соработка со клиентите“, вели Филип Димитровски, раководител на Асоцијацијата на финансиски друштва.
Членките на Асоцијацијата потпишаа и Кодекс за добра пракса со кој се обезбедуваат дополнителни мерки за заштита на потрошувачите. Со него се утврдени етички и одговорни деловни практики кон кои ќе се придржуваат сегашните членки, како и оние кои ќе пристапат кон Асоцијацијата во иднина. Кодексот се занимава со прашања како што се проценка на солвентност на клиентите, етички маркетинг, брза и практична процедура за ревизија на жалби и наплата на долгот.
Со него се утврдува дека членките ќе гарантираат дека на секој клиент ќе му се обезбедат потребните информации за кредитот, но и информација дека заемите не се препорачливи за решавање на претходно постоечки финансиски тешкотии. Деловните практики кои се утврдени со Кодексот ќе треба да ги почитуваат сите членки, а корисниците дополнително добиваат можност до Асоцијацијата да достават забелешки и поплаки доколку ги имаат за некоја членка.
Доказ дека некое друштво е членка на Асоцијацијата е ознаката „Одговорен кредитор“ која е потврда дека истото работи согласно принципите утврдени со Кодексот за добра пракса. Оваа ознака ќе биде видлива на веб-страниците на секое од друштвата, членка на Асоцијацијата, така што сите оние кои имаат намера да аплицираат за добивање средства, доколку во понудата на некое друштво на веб-страната ја видат ознаката „Одговорен кредитор“ ќе бидат сигурни дека истото се придржува до утврдени етички и одговорни деловни практики.