Премиерот на Албанија, Еди Рама, на својот Твитер профил објави скриншот на кој специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, информира дека разговарал со претставниците на двете страни, Петер Петковиќ и Бесник Бисљими, пренесува Косово онлајн.
Рама напиша дека „линијата меѓу организираниот криминал и локалните политичари е нејасна“, и дека регионот не смее да стане мал Донбас.
Тој посочи дека регионот не смее да стане заложник на односите меѓу Белград и Приштина.
– ЕУ треба цврсто да дејствува за да обезбеди брза имплементација на Основниот договор. Нашиот регион не може да стане заложник на бескрајната криза меѓу Косово и Србија! Дискусиите се добри, но на регионот му треба пробив пред да биде предоцна – додаде Рама.