Горат три хотели во областа Киотари во јужен Родос, кои претходно денеска беа испразнети од туристите. Пожарот на Родос гори веќе пет дена и сега е надвор од контрола.
Петти ден по ред противпожарните сили се борат со огнените јазици, а шумскиот пожар ба грчкиот остров Родос сѐ уште не е ставен под контрола, јави агенцијата МИА. Се евакурираат туристи.
Во евакуацијата учествуваат четири чамци на крајбрежната стража, а во готовност е и еден приватен авион.
Надлежните преку СМС пораки ги известуваат жителите да го напуштат селото Асклипио и округот Киотари, а претходно и селата Лардо и Пилона.
Поради пожарот електричната енергија е исклучена во неколку области на островот.
Денешната ситуација се смета за особено тешка поради силниот ветер.
Портпаролот на противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос информираше дека активното жариште е во три области, а интервенираат 173 пожарникари со десет пешадиски тима, 35 возила, пет хеликоптери, три авиони, а како и пешадискиот тим од 31 пожарникар со пет возила од Словачка.
Во меѓувреме, грчките власти наредија евакуација на одредени населени места во западниот дел на Атина поради големиот пожар и силните ветришта што го разгоруваат.
Градот Лутраки, на 80 километри од Атина, е еден од најзагрозените од пожарот бидејќи пожарот го прекина снабдувањето со вода во тој крајбрежен град.