Долгите колони за да се помине македонско-грчката граница на „Богородица“ станаа редовна глетка со години наназад во екот на туристичката сезона за време на викендите. Долги колони некогаш и километарски чекаат во четири ленти и овој викенд. Според АМСМ се чека еден час за да се влезе во Македонија. Возачите сведочат дека за излез чекаат и повеќе.
Најголем дел од автомобилите на граничниот премин „Богородица“ кои чекаат да поминат граница се со македонски и српски регистарски ознаки. Чекањето во место предизвикува нервоза кај патниците. Тие посочуваат дека оваа слика се повторува, а решение нема. Сметаат дека е нехумано да седат во возилата со часови на +40 степени.
Според АМСМ, задржување има и на граничниот премин Табановце за излез од Македонија, каде се чека еден час.