Кристина, Анастасија, Миха и Филип од „Дајте музика“ имаа одличен настап на овогодишната детска Евровизија во Париз со песната „Green Forces“ освојувајќи го деветтото место.
Во процесот на гласањето, македонските претставници на евросонгот добија најмногу поени од Албанија(12), што беше доволно за да се освои пласман во првиот дел од учесничката табела. Македонското жири најмногу бодови им додели на претставниците на Русија.
Музиката за „Green Forces“ е дело на Роберт Билбилов, додека автор на текстот е Робин Зимбаков. Талентираните претставници кои веќе ѝ се познати на јавноста од телевизиското шоу „Дајте музика“ со песната упатија порака за надеж и поткревање на свеста за заштита на животната средина.
Првото место го освои претставникот на Ерменија, со нумерата „Малена“.