Поранешниот американски претседател Ричард Никсон уште во 1994 година, еден месец пред да почине, го предупредил тогашниот претседател на САД, Бил Клинтон преку писмо дека доколку има конфликт во Украина, војната во Босна и Херцеговина ќе изгледа како „забава во градина“.
Содржината на писмото по декласификацијата ја објави претседателската библиотека на Клинтон, а професорот по историја Лук Ничер зборуваше за неговата содржина за „Волстрит џурнал“.
Во писмото од седум страници од 21 март 1994 година, Никсон дава јасна оценка за политичката ситуација во Русија, прецизно предвидувајќи дека односите меѓу Москва и Киев ќе се влошат и дека некој како Путин ќе дојде на власт, наведува Ничер.
Никсон во писмото го советува Клинтон да го зајакне американското дипломатско присуство во Киев, бидејќи американските бизнисмени му се пожалија дека Амбасадата на САД во главниот град на Украина е недоволно кадровска и несоодветно управувана.
– Буш (постариот) направи грешка затоа што беше премногу приврзан за Горбачов, поради личното пријателство. Мора да ја избегнете истата грешка бидејќи имате многу добри лични односи со (Борис) Елцин, напиша Никсон во писмото до Клинтон.
Никсон опишувајќи ја состојбата пишува и дека „нападите на тешко пијанство на Елцин стануваат подолги, а неговите периоди на депресија стануваат се почести. Најпроблематично е што, во антиамериканската атмосфера во Думата и во земјата, тој повеќе не може да ги исполнува своите обврски кон вас и кон другите западни лидери“, ја опиша Никсон тогашната состојба на рускиот претседател.
Поради тоа Никсон му предлага на Клинтон да воспостави односи со потенцијалните наследници на Елцин.
Сепак, тој не беше сигурен кој ќе ја преземе власта во Русија, но предвиде дека од националистичката и популистичка плима во Русија може да се роди „кредибилен претседателски кандидат“.
Никсон повеќе од пет години пред Владимир Путин да дојде на власт напиша дека „сè уште нема никој во класата на Елцин како потенцијален лидер на Русија“.
– Русите се сериозни луѓе. Една од причините зошто Хрушчов беше соборен во 1964 година беше тоа што гордите Руси се срамеа од неговите груби испади и лудории во ОН и другите меѓународни форуми … Ако САД не дејствуваат на време за да го негуваат наследникот на Елцин, Русија повторно би можела да се сврти кон понационалистички, потврдокорен лидер, како кога Леонид Брежњев го наследи Хрушчов, пишува Никсон.
Иако Никсон денес многумина го паметат по аферата „Вотергејт“, тој беше движечката сила за подобрување на односите со Советскиот Сојуз за време на Студената војна, тој беше првиот американски претседател што ја посети Москва во 1972 година и потпиша договор за ограничување на стратешкото нуклеарно оружје со советскиот лидер Леонид Брежњев.