Невреме синоќа пристигна над Словенија. Словенечките медиуми јавија дека се работи за многу силно невреме кое стигнало од правец на Италија, придружено со силен ветер и град.
Невремето најпрвин ја зафати Горишка околу 21 часот, а потоа ја зафати централна и источна Словенија, каде сообраќајот беше отежнат.
Како што изјави метеорологот Бране Грегорчич, според проценките, ветрот бил со јачина и до 100 километри на час. Со себе донесе многу силни налети на ветер, бројни удари од гром и дождови. Според неговите проценки, може да се очекува бурна ноќ.
Поради големата веројатност за силен град, силни налети на ветер и многу обилни врнежи од дожд, Словенечката метеоролошка служба Арсо прогласи црвено ниво на опасност. Словенечкиот портал Метеоинфо во ажурираната вечерна прогноза предупреди дека многу силна бура брзо се приближува кон западна Словенија, која најверојатно ќе биде придружена со силен ветер и локално многу силен град.
„Моќна суперклеточна бура ја погоди словенечката граница кај Нова Горица од Италија, придружена со урагански ветрови, обилни врнежи и локално многу голем град. Невремето ќе се движи кон централна Словенија. Засолнете се и обезбедете ја вашата безбедност“, додава Метеоинфо.
Локално падна град со големина на јајце.